Фелипе Рејес останува во Реал Мадрид најмалку уште една сезона, објавија од редовите на најтрофејниот европски клуб.
Авантурата на 40-годишниот ветеран и капитен на мадриѓаните продолжува и тој ќе ја игра и 17-тата сезона, што е одличен пример за лојалност кон еден ист клуб.
Comunicado Oficial: renovación de @9FelipeReyes #RealMadrid
— Real Madrid Basket (@RMBaloncesto) July 24, 2020
Фелипе во Кралскиот клуб пристигна во 2004 година и оттогаш без прекин настапува за Реал Мадрид. Кариерата ја почна во Естудијантес, а член на популарните Студенти од Мадрид беше од 1998 до 2004, кога се пресели во редовите на поголемиот брат.
Во периодот од 2004 досега Фелипе освои две шампионски круни со Реал во Евролигата, седумпати беше шампион на Шпанија со Кралскиот клуб, а има и вкупно 11 куп-титули во националниот и Суперкупот на земјата.
Во 2015 година беше член на идеалната петорка на Евролигата и има уште неколку вредни индивидуални признанија.
Трофеите во богатата колекција ги пополни и со успеси со Црвената фурија, со која трипати беше европски првак и еднаш се искачи и на светскиот трон.
Со над 800 настапи во шпанското првенство, центарот и легенда на Реал Мадрид е рекордер, а ќе има шанса најмалку уште една сезона за да го подобри сопствениот рекорд.