Во среда ќе стартува новата сезона во ракометната Лига на шампиони, а Пелистер во првото коло ќе биде домаќин на хрватскиот првак Загреб.
За гостите ќе настапи и добро познатото име на македонската публика, поранешниот играч на Вардар, Игор Карачиќ, кој има богато искуство со гостувања во Битола.
„Едвај ја чекавме оваа средба, зад нас е долг и напорен подготвителен период. Сега конечно почнува европската авантура за која се подготвуваме повеќе од еден месец. Јас сум максимално мотивиран, а знам дека тоа важи и за соиграчите. Очекувам квалитетен натпревар, а ако имаме и доза среќа, можеме да се вратиме во Загреб со насмевка.
Сметам дека шансите се израмнети. Битола отсекогаш била тежок терен и тоа добро го знам од минатото. За да стигнеме до посакуваниот резултат, мора секој од нас да даде максимум. Според мене, Пелистер има многу подобро избалансиран состав од претходните сезони, со добар микс на младост и искуство. Сепак, верувам дека и ние располагаме со квалитети за да се надигруваме и со доволна борбеност и концентрација да ја извојуваме победата“, изјави Карачиќ.
Дуелот во Битола е закажан за среда со почеток во 20:45 часот.