Некогашниот прославен англиски фудбалер Џејми Карагер, кој сега работи како ТВ-аналитичар, синоќа говорејќи за Црвена ѕвезда покажа дека добро се сеќава на силниот тим на Ѕвезда кој во 1991 година стана европски првак.
Во таа екипа беше и Дарко Панчев, тогашниот најдобар голгетер во Европа, а Карагер го спомна и Панчев.
„Се сеќавам на тимот на Црвена ѕвезда кој го освои натпреварувањето на пенали. Во финалето играше комплетно различно од тоа што го играше претходно. Натпреварот заврши 0-0, но тие играа за да заврши 0-0. Тие постигнаа 19 гола во четирите елиминациски дуели на патот до финалето. Најдобриот стрелец на тимот, Дарко Панчев, го постигна победничкиот гол. Потоа тој замина во Интер, но не помина таму многу добро“, рече Карагер.
„Тимот имаше фантастични играчи, како Просинечки, Савичевиќ… Просинечки играше за Реал Мадрид и Барселона, а Савичевиќ за Милан, со кого ја освои и Лигата на шампионите во 1994 година и му даде гол со лоб на Зубизарета. Имаа апсолутно фантастични имиња“, додаде Карагер, по што колегата Мика Ричардс му испружи рака и му честиташе за меморијата.
https://twitter.com/i/status/1721975158829629939