Kaрдиф урна клупски рекорд за голгетер на Нант

Емилијано Сала официјално е нов фудбалер на Кардиф, откако доскорешниот член на француски Нант се согласи на три и полгодишен договор со премиерлигашот. Ангажманот на аргентинскиот напаѓач вреди 15 милиони фунти, што е клупски рекорд на Кардиф, па од Сала се очекува да ја пренесе својата голгетерска форма и на Островот, и воедно да му помогне на тимот на Нил Ворнок да се избори за опстанок.

Сала сезонава се наметна како еден од најефикасните голгетери во француското првенство, со 12 погодоци се најде во конкуренција против триото на ПСЖ (Мбапе, Кавани и Нејмар по денешното шоу од 9-0 се убедливи најдобри стрелци) во битката за најдобар стрелец. Токму затоа Кардиф се одлучи да го отвори ќесето за Сала, иако пред неколку дена го ангажираа и Умар Нијасе од Евертон како засилување во средината на теренот.

Фудбалерите на Ворнок денес го претрпеа 14-от пораз сезонава, од „Сент Џејмс парк“ против Њукасл си заминаа со убедливи 3-0. Кардиф дури 11 пати сезонава во Премиер лигата не успева да постигне гол на еден меч, по 23 натпревари имаат само 19 погодоци.

Тие се втора најслаба екипа во шампионатот по број на погодоци во тековната сезона, само Хадерсфилд има помалку гола (13) од „сините птици“, па јасно е дека недостасува голгетер кој може редовно да тресе мрежи.

- Оглас -

Најнови вести