Кари не може сам – Торонто изненади во Оукленд и поведе со 2-1

Торонто репторс ноќеска го изненади шампионот Голден стејт во гостинската победа со 123:109. Десеткуваните Воини се потпреа на првата ѕвезда Стеф Кари, но неговите 47 поени не беа доволни во овој меч. Отсуството на Кевн Дурант и Клеј Томпсон максимално го искористија Рептилите, така што во текот на средбата се закануваа од повеќе позиции, а предводени од одличниот Кавај Ленард остварија „брејк“ за 2-1, кој воедно им донесе и психолошка предност во пресрет на четвртиот натпревар.

Јасно е дека работите не се како што треба кога Голден стејт не го отвора мечот во претпознатливо издание. Иако кошаркарите на Стив Кер се навикнаа со шутерски рафал да направат предност во воведните минути, тоа не беше случај и во овој натпревар. Торонто беше тимот кој ја имаше иницијативата, а во еден момент гостите водеа и со +12 поени при резултат од 28:16 во првите 12 минути.

Наместо враќање на неизвесноста, Голден стејт не мрдна од негатива и цел натпревар го бркаше резултатот. Гостите трпеливо си ја зголемуваа разликата, па откако влегоа со +17 во последните пет минути од средбата, стануваше јасно дека Канаѓаните ќе го остварат „брејкот“.

Одличниот Ленард придонесе за победата со 30 поени, 7 скока и 6 асистенции, а го следеше Лаури со 23 поени и 9 асистенции, додека по 18 поени реализираа Грин и Сијакам. Целиот товар падна на Стеф Кари, но малку беа неговите 47 поени бидејќи вториот најефикасен играч од редовите на домаќинот беше Дрејмонд Грин со 17 поени.

Четвртиот натпревар од оваа финална серија ќе се игра ноќта меѓу петок и сабота, во 3 часот по полноќ, повторно во „Оракл арената“ во Оукленд.

https://www.youtube.com/watch?v=3DFMN9JOhy0

- Оглас -

Најнови вести