Кари пристигнува во МЗТ Скопје Аеродром како замена за Вер

Американецот Морис Кари (34 год, 180 см) е најновото засилување за МЗТ Скопје Аеродром, кој ќе треба да ја пополни празнината во ростерот по заминувањето на Дастин Вер во пресрет на вториот дел од сезоната во домашните натпреварувања и во АБА2-лигата.

Станува збор за искусен плејмејкер, кој повеќе од десет години настапува во европски клубови. Кари по четирите сезони минати во Провиденс универзитетот, интернционалната кариера ја почна во полскиот Кошалин, по што настапувал за грчкиот АЕК, австрискиот Гмунден, Мителдојчер во Германија, финскиот КТП, Лукоил Академик во Бугарија, француските екипи Шалон Ремс, Нанси, Антиб и Поитерс, како и унгарските клубови Сегед и Капошвари. Во сезоната 2018/19 го носеше дресот на романска Крајова, каде што тренер му беше македонскиот стратег Александар Тодоров.

Кари во Скопје се очекува кон крајот на неделава и би требало да има доволно време да се вклопи во екипата пред стартот на четвртиот турнир од АБА2, кој почнува на 6 февруари во Бања Лука.

- Оглас -

Најнови вести