Лорис Кариус е голманот кој се прослави по катастрофалните одбрани во финалето од Лигата на шампиони во 2018 година, кога Ливерпул загуби од Реал Мадрид, а токму тогашниот чувар на мрежата на англискиот тим беше очаен. Веднаш по тоа финале, Кариус беше даден на позајмица во Бешикташ, а на негово место на „Енфилд Роуд“ беше доведен Алисон Бекер.
Со Алисон на голот, Ливерпул пред неколку месеци стана европски првак, додека Кариус и ланската, но и оваа сезона продолжува со шоуто да прави киксови и да прима голови кои се по директно негова вина.
„Дали ќе бранам повторно за Ливерпул? Можеби, никогаш не се знае. Не ме загрижува дали ќе бранам или ќе бидам резервен голман. Што се однесува до финалето во Киев, веќе не размислувам за тоа. Поминаа многу денови од тој ден. Тогаш имав тешка повреда и никој не збори за тоа. Среќен сум што Ливерпул веќе во следната сезона стана европски првак. Мислам дека и оваа година имаат добри шанси. Уште сум во контакт со дел од играчите, но и тренерите во клубот“, рече Кариус.
Германскиот голман е под договор со Ливерпул до крајот на следната сезона, но тешко веројатно е дека повторно ќе го видиме во дресот на актуелниот европски првак, посебно ако се знае и дека како голман на Бешикташ направи неколку катастрофални грешки, поради кои примаше голови.