Карло Анчелоти испиша историја со тоа што прифати да биде нов селектор на Бразил

Карло Анчелоти е официјално е назначен за нов селектор на бразилската фудбалска репрезентација, објавија денес бројни светски медиуми. Анчелоти ќе ја преземе функцијата на 26 мај, веднаш по завршувањето на сезоната со Реал Мадрид. Овој потег го означува крајот на неговиот втор мандат на клупата на Кралскиот клуб, со којшто претходно освои две титули во Ла Лига и три титули во Лигата на шампионите.

Анчелоти имаше уште една година од договорот со Реал Мадрид, но по пријателските разговори со челниците на клубот и на Бразилската фудбалска конфедерација (CBF), беше договорено неговото предвремено заминување.

Според информациите од „Атлетик“, Италијанецот го информирал раководството на Реал за својата одлука кон крајот на април, а во меѓувреме сите детали од договорот со Бразилецот се финализирани. Неговиот мандат е предвиден да трае до крајот на Светското првенство во 2026 година, кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

Бразил е без постојан селектор од крајот на март, откако Доривал Жуниор беше отпуштен, а назначувањето на Анчелоти доаѓа во време кога националниот тим бара стабилност и враќање на врвот на светскиот фудбал. Неговиот прв предизвик ќе бидат квалификациските натпревари за Светското првенство против Еквадор и Парагвај, кои се закажани за почетокот на јуни.

Бразилската фудбалска федерација инсистираше новиот тренер да го преземе тимот пред овие клучни натпревари, поради што беше договорено Анчелоти да отпатува во Бразил веднаш по завршувањето на шпанската сезона и да ја одржи својата прва прес-конференција во Рио де Жанеиро на 26 мај.

За време на неговиот втор мандат во Реал Мадрид, Анчелоти освои две титули во шпанското првенство, еден Куп на кралот, два Суперкупа на Шпанија, два Суперкупа на УЕФА и двапати Лигата на шампионите. Сепак, оваа сезона беше помалку успешна. Реал беше елиминиран во четвртфиналето на Лигата на шампионите од Арсенал, а ги загуби финалето на Купот на кралот и шпанскиот Суперкуп од Барселона, со која моментално заостанува во првенството.

Очекувањата во Бразил се исклучително високи, со оглед на тоа што националниот тим сонува за шеста титула светски шампион. Задачата на Анчелоти ќе биде да го врати Бразил на светскиот трон по разочарувачките настапи на неодамнешните големи натпреварувања и турбулентниот период со чести промени на тренерот.

Анчелоти ќе биде првиот селектор странец на Бразил во последните 60 години. Последен странец што го водел Бразил бил Аргентинецот Филпо Нуњес во 1965 година, и тоа само на еден пријателски меч. Пред него, странец селектор на Бразил бил Португалецот Жорека во 1944, кој го водел тимот на два пријателски меча, и Уругваецот Рамон Платеро во далечната 1925 година, кој на четири средби го водел Бразил. На официјален меч никогаш немало селектор странец, а тоа сега ќе биде Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести