Нејмар можеби нема да биде во составот на Бразил за Светското првенство во 2026 година. Сепак, Карло Анчелоти не ги затворил вратите на националниот тим за напаѓачот.
„Кога е во форма, има ниво за да биде во кој било национален или клупски тим на планетата“, рече Анчелоти за Нејмар на прес-конференцијата пред пријателскиот натпревар со Јапонија во Токио кој се игра денеска напладне.
Искусниот 33-годишниот Нејмар не е повикан во репрезентацијата во последните две години, период во кој многу често беше повреден.
„Тимот што ќе го избереме во март би можело да биде ист како оној за Светското првенство. Сакаме да видиме како играчите ќе се интегрираат, но идејата е потоа да се обликува составот“, додаде италијанскиот специјалист. Ова му дава време на Нејмар да влезе во оптимална физичка форма до март за да биде дел од репрезентацијата на Бразил.
„Бразилската репрезентација сака и може да игра добар фудбал, но зависи од тоа што сметате за добра игра. Секако, играчите имаат класа и посветеност. Добриот фудбал мора да се игра со и без топка, што е исто така важен аспект. Добрата игра е важна, но најважно е да се победи“, рече Анчелоти, кој во победата од 5-0 против репрезентацијата на Република Кореја, играше со четворица напаѓачи – Винисиус, Родриго, Матеус Куња и тинејџерот Естевао.