Прославениот италијански тренер Карло Анчелоти ги има освоено сите најважни трофеи на клупско ниво, а од неодамна има нов предизвик. Пред неколку месеци Анчелоти беше назначен за нов селектор на Бразил и успешно ги заврши квалификациите за пласман на Светското првенство кое следната година ќе биде во САД, Мексико и Канада.
„Да се води бразилската репрезентација, најуспешната во историјата, беше можност што не можев да ја одбијам. Знаев каква страст имаат тука за фудбалот, но сосема поинаку е кога ќе се доживее тоа. Сакаме да победуваме, нема да го криеме тоа“, рече Анчелоти.
Бразил е најтрофејната репрезентација со пет светски трофеи и единствена која учествувала на сите Мундијали досега. Токму затоа и Анчелоти многу добро знае што значи планетарлниот собир за Бразилците. Докажаниот тренер вели дека сега има само една цел и остварување на сонот, а тоа е освојување на светската титула.
Сонот на Бразил е да ја освои шестата светска титула. Има големи очекувања, но и голем ентузијазам. Фактот дека поминале 24 години од последната светска титула прави да имаме дополнителен товар. Да се надеваме дека нема да бидат 28 години од последната титула. Ќе биде тешко, но нашата цел е јасна“, додаде Анчелоти.

