Карло Анчелоти има договор со Реал Мадрид до крајот на следната сезона, но се погласни се шпекулациите во Шпанија дека тој ќе си замине уште летово, а ќе го наследи тренерот на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо.
На прес-конференцијата пред мечот со Осасуна, Анчелоти не одговори дали и кога ќе си замине од Реал Мадрид, но најави дека можеби негова следна дестинација ќе биде Саудиска Арабија.
„Ситуацијата во Саудиска Арабија не е изненадување. Тие се домаќини на Светското првенство во 2034 година и се конкурентни во натпреварувачки смисла, иако помалку од Европа. Зошто да не? Ако сакам да останам во фудбалот, зошто да не?“ – рече италијанскиот тренер на клупата на Реал Мадрид.
66-годишниот Карло Анчелоти во својата кариера водеше екипи само од топ-5 европските лиги и во сите има освоено по барем една шампионска титула, додека со Реал Мадрид освои 14 трофеи, што го прави најтрофеен тренер во историјата на „кралскиот“ клуб.