Раководството на Јувентус посакуваше летово да се ослободи од Душан Влаховиќ, но Србинот не успеа да најде соодветен клуб, па остана во Торино. Во првите две кола од Серија А влегуваше од клупа и со два гола донесе шест бода за Старата дама.
Сепак, и покрај добрите игри, поранешниот италијански напаѓач Антонио Касано без влакна на јазикот го нападна Србинот.
„Влаховиќ не замина и сега Јувентус мора да го игра или барем мислат дека така е исправно. Со тоа само му прават услуга. Влаховиќ на Јувентус му направи само проблеми кога одлучи да остане. А погледнете како се однесува… Донесен е за огромни пари, добива огромна плата, а веќе три години игра лошо. Сега даде два гола, па ги шири рацете како да е крал. Вистината е дека е промашување. Сè уште е промашување, а сè уште зема пари“, рече Касано во свој стил.
Душан Влаховиќ пристигна во Јувентус од Фиорентина во 2022 година за 84 милиони евра. Во дресот на Старата дама одигра 147 натпревари и постигна 60 гола.