Бразил е единствената репрезентација која учествувала на сите светски првенства и е најтрофејна со пет титули на Мундијалите. Сепак, Бразил последен пат на планетарниот трон беше во 2002 година што значи дека поминаа речиси две и пол децении.
На Светското првенство кое ќе се игра следната година, Бразил под водство на селекторот Карло Анчелоти има големи амбиции и очекувања. Еден од најискусните во составот, Касемиро, побара Нејмар да се користи во репрезентацијата на Бразил на ист начин како што Аргентина го искористи Лионел Меси на Светското првенство во 2022 година – како лажна деветка.
„Нашиот тим мора тактички да се прилагоди на Нејмар. Да игра за него, така да се каже. Аргентина го направи тоа со Меси на Светското првенство во Катар. Ќе го кажам повторно: овие тројца – Меси, Нејмар и Роналдо – се најдобрите играчи во светот. Затоа бразилската репрезентација мора да ги искористи максимално квалитетите на Нејмар. Не велам дека тој треба само да стои напред, а ние да трчаме наоколу. Сетете се како играше Аргентина пред три години – тимот се бранеше со низок блок, а Меси стоеше напред“, вели Касемиро.
Според ѕвездата на Манчестер јунајтед, Нејмар може само со еден потег да го реши натпреварот во корист на Бразил.
„Вештините на Меси, Роналдои и Нејмар се неоспорни и тешко дека некој ќе го негира тоа. Тие се премногу талентирани. Во модерниот фудбал, линијата помеѓу поразот и победата е многу тенка и тие се оние кои можат да ја преминат. На пример, на натпреварот против Хрватска, Нејмар постигна гол во еден момент и го реши проблемот на тимот. Натпреварот не одеше добро, беше тежок, а потоа постигна прекрасен гол – и тоа беше тоа, 1:0“, дополни Касемиро.

