Каземиро: Ни помогна киксот на Барселона

Кај Реал Мадрид ништо не функционираше на гостувањето кај Севилја, особено во првото полувреме, кога мадриѓаните ги примија трите гола, и тоа ги загрижува фановите кои очекуваа тимот да го преземе првото место на табелата и да ја прекине лошата традиција на гостувањата во Севилја.

Поразот можеби доаѓа во добро време, за отрезнување пред следниот меч со Атлетико, но сега проблем се и повредите. Иско имаше операција, Марсело синоќа не можеше да го доигра мечот, а во аут е и Дани Карвахал. Притисокот врз тренерот Хулен Лопетеги ќе се засилува со секој нареден лошо одигран меч.

Бразилецот Каземиро, кој даде изјава по дебаклот од 0-3, рече дека Реал ѝ го подарил првото полувреме на Севилја, но дека им помогнал киксот на Барселона против Леганес.

„Едноставно, им го подаривме првото полувреме, како да не игравме. А, ако не играте како што треба на овој стадион и му дозволите на противникот да игра своја игра, ќе го доживеете тоа што ние го доживеавме, ќе губите 0-3. Ова е наша најслаба игра сезонава. Мислиме само на нашите мечеви, но секако дека ни помогна тоа што Барселона загуби“, рече Каземиро.

Повредата на Марсело само три дена пред градското дерби со Атлетико Мадрид, ги подели навивачите на Реал Мадрид по синоќешното очајно издание. Едни мислат дека е подобро што Марсело нема да игра против силниот ривал, бидејќи игра многу слабо во одбраната и лесно го претрчуваат, но се виде дека и со Начо како бек, тимот не е толку опасен во нападот.

 

- Оглас -

Најнови вести