Играчот за врска на Манчестер јунајтед, Каземиро, би можело да ја засили Рома, пренесуваат медиумите на Апенините.
Бразилецот не е во преден план кај новиот менаџер Рубен Аморим, а на последните пет натпревари не забележа ниту една минута на теренот. Очигледно е дека Манчестер јунајтед би го продал без поголеми проблеми.
Една од причините е огромната плата на Каземиро, која изнесува 350.000 фунти неделно, што претставува значително оптоварување за буџетот на клубот, особено за играч кој во последно време не добива никаква минутажа.
Рома покажува интерес за негово доведување на позајмица, но под услов Манчестер јунајтед да покрива поголем дел од неговата плата бидејќи италијанскиот клуб не може да си дозволи да го преплаќа 32-годишниот играч.
Во текот на летото Каземиро се поврзуваше со трансфер во Ал-Наср, но тие гласини веќе стивнаа, а Рома се појави како нова можност за продолжување на кариерата на бразилскиот интернационалец, кој е далеку од формата што ја имаше додека го носеше дресот на Реал Мадрид. Во игра сѐ уште е и можноста да заигра во Турција, но секако дека предизвикот да го носи дресот на Рома е многу поголем.