Каталонска сензација среде Мадрид – Жирона слави на „Бернабеу“

Реал Мадрид претрпе шокантен пораз од Жирона на домашен терен со конечни 2-1, во мечот од рамките на 24-тото коло во Ла Лига. Гостите од Каталонија забележаа драгоцени три бода, и тоа на најдобар можен начин, со пресврт по кој замолкна цел „Сантијаго Бернабеу“.

Се чинеше дека „кралевите“ рутински ќе стигнат до нова победа, откако Касемиро во 25-тата минута донесе предност за играчите во бели дресови. Интересно е што за Касемиро ова беше трет гол на последните пет првенствени меча, а сите три ги постигна за отворање на резултатот (во победата над Севилја од 2-0 и против Атлетико Мадрид, 3-1).

Но, фудбалерите на Сантијаго Солари со тотално различен став влегоа во вторите 45 минути. Жирона се охрабри и почна да напаѓа, па до израмнувачки гол стигнаа во 65-тата минута. Рамос играше со рака во казнената зона, а Стуани од белата точка го врати својот тим во игра. Набрзо потоа гостите можеа до втор гол, Порту ја затресе гредата, но веќе во следните неколку минути истиот фудбалер ја искористи новата шанса и ја протна топката во мрежата на Куртоа.

Домаќините во 90-тата минута останаа со играч помалку, откако капитенот Рамос заработи втор жолт картон и замина на предвремено туширање.

Не е првпат Реал да загуби од Жирона со преврт. Во нивната прва меѓусебна пресметка во октомври 2017 година, „кралевите“ гостуваа кај Жирона и имаа минимална предност по првите 45 минути, а Стуани и Порту исто така беа креаторите на пресвртот од 2-1.

https://www.dailymotion.com/video/x72jufk

 

https://www.dailymotion.com/video/x72jxkv

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести