Барселона повторно би можела да влезе во игра за ангажирање на македонскиот голман Столе Димитриевски, најавува новинар на „Мундо депортиво“ кој потсетува на Каталонците кои во јануари 2022 се интересираа за услугите на Димитриевски, но тој тогаш иако бил договорен со Барселона, сепак остана во Рајо Валјекано.
Пред неколку дена, Столе самиот кажа дека 90% останува во Рајо и по оваа сезона сака да брани за мадридскиот клуб, но дека не зависи само од него дали ќе остане. Договорот му истекува во јуни и уште не е продолжен.
Барселона, која има финансиски проблеми, во последно време ангажира само слободни играчи или носи засилувања на позајмица, па ја гледаат шансата гратис да добијат и стабилен голман како Столе.
Проблемот е што Димитриевски не би сакал да биде резерва, туку прв голман, а во Барса стартното место е резервирано за Марк-Андре Тер Штеген.
„Неприкосновен стартер во Рајо, Димитриевски, би бил интересна опција со нула трошоци и со докажано искуство во Ла Лига. Овие два фактори го прават кандидат за засилување на голот на Барса. Во јануари 2022 година Димитриевски беше една од алтернативите во случај Нето да замине, но на крајот Бразилецот остана во Барселона и операцијата не се реализира. Самиот Димитриевски следниот мај призна дека „се договорил со Барса, останало само да потпише“, но дека одбивањето на Нето го стопирало трансферот“, пишува во текстот во каталонскиот весник „Мундо депортиво“.
Инаку, Димитриевски на девет меча сезонава не прими гол, само Унаи Симон (12) и Алекс Ремиро (11) имаат повеќе суви мрежи од него.