Актуелниот шампион, селекцијата на Катар в сабота ќе игра против Јордан во финалето на Азискиот куп на нациите откако во второто полуфинале со 3:2 го совлада Иран.
Катар ќе има можност да стане првата репрезентација по Јапонија (2000 и 2004) која двапати по ред ќе го крене шампионскиот пехар на азиското континентално натпреварување.
Мечот започна лошо за актуелниот шампион бидејќи Иран уште во четвртата минута преку Азмун го отвори резултатот.
Но, до крајот на првото полувреме Катар успеа да направи пресврт благодарение на головите на Абдулсалам во 17-тата и на Афиф во 43-тата минута.
Во второто полувреме, повторно иранските фудбалери први постигнаа гол, Јаханбаш во 51-вата минута од пенал го израмни резултатот на 2:2.
Голот вреден пласман во финалето и меч за титулата на Катар го постигна Али Алмоез во 82-рата минута.