Каземиро додека се подготвува за трансфер во Саудиска Арабија, купи шпански третолигаш

Фудбалерот на Манчестер јунајтед и на бразилската репрезентација, Каземиро, и официјално е еден од акционерите на шпанскиот третолигаш Марбеља. Клубот од познатотот летувалиште во Андалузија оваа вест ја сподели на социјалните мрежи и најави големи инвестиции.

„Марбеља со задоволство објавува дека Карлос Енрике Каземиро, ѕвездата на Манчестер јунајтед, бразилски репрезентативец и петкратен освојувач на Лигата на шампионите, од денес е нов акционер на клубот. Целиот град е горд што спортист од светска класа ќе биде дел од нашето семејство“, велат од новиот шпански третолигаш.

Најавите се дека во Марбеља ќе се гради нов стадион со капацитет за 10.000 гледачи, но и комплетен тренинг-центар кој ќе биде изнајмуван на репрезентациите кои ќе се подготвуваат за Светското првенство во 2030 година, на кое домаќини ќе бидат Шпанија, Португалија и Мароко.

Порака до навивачите испрати и самиот фудбалер.

„За мене е чест да се придружам на фудбалскиот клуб Марбеља бидејќи мојата мотивација е можноста за спектакуларен раст на клубот“, вели Бразилецот.

Што се однесува до кариерата на Каземиро, тој е на излезна врата од Манчестер јунајтед и најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во Саудиска Арабија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести