Динамо Загреб се одлучи за строга мерка и го испрати скапоплатениот француски интернационалец Кевин-Теофил Кетрин во вториот тим, односно кај нашиот тренер Гоце Седлоски.
Популарниот Седло почна со новиот ангажман како кормилар на младинците на Динамо откако го замени на клупата Игор Јовичевиќ, кој е именуван за шеф на стручниот штаб на првиот тим на популарните Модри.
Стоперот од Франција беше стандарден член на првата постава на Динамо во досегашниот дел од сезоната, но калкулира со продолжување на договорот и од денеска е на дисциплинирање во вториот тим.
Кетрин пристигна во Загреб од редовите на француски Сент Етјен во јуни 2018 година и тогаш потпиша тригодишен договор со Динамо.
Претходно играше и за Рен и за велшкиот клуб Кардиф, кој настапува во англиските лиги. Годишната плата на стоперот на Динамо е околу 550 илјади евра, а токму и тука лежи главниот проблем, што го доведе до преселба во тимот што го предводи Седлоски.
Кетрин бара со новиот договор да биде во рангот на најголемите и најплатени ѕвезди на тимот, меѓу кои е и Аријан Адеми со околу 850 илјади евра на годишно ниво.
Првенството во Хрватска ќе се рестартира на петти јуни, а Динамо Загреб првиот меч по камбекот на ХНЛ ќе го игра следниот ден против Вараждин.