Ракометната репрезентација на Норвешка оствари важна победа над Шпанија од 27:23, со што остана во игра за пласман во полуфиналето на Европското првенство.
Норвежаните губеа само во воведните минути, кога нивниот опонент имаше водство од 2:0, односно 2:1.
Потоа следуваше серија од 7:2 во корист на победникот, со што резултатот на семафорот беше 8:4. На полувреме се замина со 14:11.
Во вториот дел Шпанците најмногу што можеа да направат е да дојдат на минус еден од 20:19, но со нова серија од три едноподруго погодоци победникот беше решен.
Најефикасен ракометар на теренот беа Себастијан Бартхолд од Норвешка и Хорхе Македа од Шпанија со по шест погодоци.
На крајот, по 60 минути се радуваа норвешките ракометари бидејќи со оваа победа стигнаа до шестиот бод во групата „2“, колку што имаат токму Шпанија и Шведска.
Првите две позиции носат пласман во полуфиналето, додека третопласираниот игра меч за петто или шесто место.
Во последното коло, Норвешка ќе игра токму против Шведска, додека Шпанија ќе се соочи со Полска.