ЕХФ донесе одлука што ветува луда и незаборавна ракометна забава и тоа токму пред Нова година. За тоа ќе се погрижат најдобрите четири екипи на фајналфор турнирот што е закажан за 28 и 29 декември годинава.
Стандардно за титулата, што сè уште ја има македонскиот Вардар, требаше да се игра на 30 и 31 мај во „Ланксес арената“ во Келн, но сега има нови термини за завршниот турнир што ќе се игра во истата сала.
Билетите вообичаено за ваков спектакл, еден од најдобрите во сите спортови, се продадени и ќе важат за предновогодишната ракометна забава во Келн.
Вардар, кој е бранител на титулата, што ја освојуваше двапати по ред во последните две изданија, треба да игра осминафинале со ПИК Сегед.