Ќе биде лудо последното коло во Премиер лигата: Манчестер јунајтед и со пораз може да игра во Лигата на шампионите

Челзи синоќа загуби од Ливерпул во меч на кој гигантот од „Енфилд роуд“ ја прослави титулата, а гостите останаа во многу неизвесност и калкулации во пресрет на последното коло од Премиер лигата. Челзи заедно со Манчестер јунајтед и Лестер се надеваат на освојување на третото или четвртото место на табелата кои водат за излез во ЛШ.

По 37 одиграни кола, ситуацијата е многу неизвесна. Манчестер јунајтед е третопласиран со 63 бодови и гол-разлика од +28. Челзи исто така има 63 бода, но со послаба гол-разлика од +13. Лестер засега е петти со 62 бода и е надвор од посакуваната зона.

Од трите екипи, Челзи е во најчиста ситуација. Лондонскиот тим на својот „Стемфорд бриџ“ го пречекува Вулверхемптон, па Челзи само треба да не загуби за да се радува на место во ЛШ. Лестер и Манчестер во директен дуел во последното коло треба да ги решат дилемите на „Кинг пауел“.

Лестер ќе брка победа, додека на Црвените ѓаволи доволно им е и нерешено, односно еден освоен бод за да биде сигурен патник во ЛШ. Лестер со победа сигурно ќе го надмине Манчестер, додека ако е нерешено, гостите ќе ја задржат предноста од еден поен која ја имаат и во моментов.

Постои и екстремна ситуација во која Манчестер јунајтед и со пораз од Лестер може да е четврти. Тоа ќе се случи ако и Челзи загуби дома од Вулверхемптон. Во случај ако загубат и Челзи и Манчестер, Јунајтед ќе биде пред лондончани. И за Лестер постои опција само со еден освоен бод да оди во ЛШ. Тоа би било реално ако Челзи загуби, а Лестер со бод ќе се израмни на табелата, но има многу подобра гол-разлика.

Последното коло во Премиер лигата ќе се игра на 26 јули, а ситуацијата на табелата може да се менува од минута во минута. Ливерпул стана првак на Англија, а сега останува да видиме кои два тима ќе играат во ЛШ.

- Оглас -

Најнови вести