Повеќе од 100.000 навивачи на аргентинскиот гигант Бока јуниорс најавиле дека ќе пристигнат во Рио де Жанеиро во Бразил, каде што на 4 ноември ќе се игра финалето од Копа Либертадорес меѓу Флуминесе и Бока јуниорс. Легендарниот стадион „Маракана“ ќе биде домаќин на 64-тото финале на натпреварувањето кое е пандан на Лигата на шампионите во Европа.
Според договорот, Бока јуниорс има право на 20.000 влезници за финалето, но на улиците во Рио де Жанеиро ќе има повеќе од 100.000 фанови на аргентинскиот гигант, што ќе биде вистински предизвик за градските власти и организаторите на финалето. Многумина стравуваат дека може да има и големи нереди меѓу аргентинските и бразилските навивачи.
Фан зоната за аргентинските навивачи веќе е поставена долж легендарната плажа Копакабана. Навивачите кои нема да имаат влезници за финалето се планира да бидат собрани на Самбодромот, просторот каде што со години традиционално се одржуваат карневалите, а се наоѓа само на четири километри од стадионот „Маракана“. На Самбадромот може да се соберат 60.000 навивачи.
Дополнителен метеж во градот ќе создаде и концертот на легендарната група „Ред хот чили пеперс“, кој ќе биде на стадионот „Нилсон Сантос Енгењао“. Според проценките, за овие големи случувања, во неделата која следува во градот се очекува да има дури 400.000 посетители. Во Рио де Жанеиро веќе се пополнети 82 отсто од хотелските капацитети на градот.