Во Шпанија наскоро се очекува да има масовно тестирање на фудбалерите од Ла Лига и Сегунда, двете најквалитетни фудбалски првенства во земјата, а се предвидува дека на околу 2.000 тестови, најмалку 30 фудбалери да бидат позитивни, односно да имаат симптоми на корона-вирусот.
Шпанците се подготвени на вакво сценарио и играчите кои ќе бидат позитивни, ќе мора да одат во дополнителен карантин, а потоа на ново тестирање за да можат да добијат зелено светло да тренираат и да се подготват за продолжение на сезоната.
Од една од најфудбалските земји велат дека ако се остварат прогнозите, имаат методи како успешно да се справат со проблемот и дека тоа нема да ги спречи да ја завршат сезоната 2019/20.
Шпанците се оптимисти и најавија дека ќе има фудбал во јуни, иако засега термините кога ќе продолжи сезоната во Ла Лига и во Сегунда не се прецизирани.
Во Ла Лига играат двајца македонски репрезентативци, Енис Барди за Леванте и Александар Трајковски, кој е во Мајорка, а голманот на нашата репрезентација Столе Димитриевски е член на второлигашот Рајо Валјекано.