Репрезентацијата на Косово пред три години беше примена како рамноправна членка во Европската куќа на фудбалот (УЕФА), а веќе вечерва може да го оствари првиот голем успех. Косово на свој терен игра против Азербејџан, во меч за првото место во групата од Сегментот Д.
Косово моментно е лидер со 11 бодови, додека ривалот заостанува два бода. Тоа значи дека на домаќините ќе им биде доволно да освојат и еден бод за да напредуваат во Сегментот Ц за следните натпревари во Лигата на нациите. Освен тоа, Косово со првото место ќе се избори за полуфинале од плејофот за пласман на Европското првенство во 2020 година.
„Може да направиме нешто големо. Владее голема еуфорија кај луѓето. Мечот против Азербејџан е најважен во нашата историја. Нерешено е доволно за да бидеме први, но сите од нас чекаат да победиме, а јас знам дека можеме. Ако го искористиме целиот потенцијал, на крајот ќе славиме“, рече Бесар Халими, кој е играч на Брондби во Данска.
На стадионот „Фадиљ Вокри“ нема да има слободно место бидејќи сите 13 и пол илјади билети веднаш биле распродадени.
„За многу луѓе на Косово, фудбалот е сѐ. Влезниците за мечот против Азербејџан се распродадоа за 32 минути. Дури и некои играчи не успеаја да купат билети за своите семејства“, објаснува фудбалерот Донис Авдијај.
Во репрезентацијата на Косово има само двајца фудбалери кои се постари од 26 години. За тоа колку млад состав има Косово, покажува и фактот дека дури седуммина играчи се помлади од 21 година. Доколку победи, Косово ќе биде ривалот на Македонија во полуфиналето за пласман на ЕП 2020 година.