Најдобрата македонска тенисерка, Лина Ѓорческа, која моментно е 216-та на ВТА-листата, во јануари ќе учествува во квалификациите на гренслем-турнирот Отворено првенство на Австралија во Мелбурн.
За Ѓорческа ова ќе биде втор настап на квалификациите на овој гренслем откако во 2017 година беше на чекор до пласман на главниот турнир и загуби во третото квалификациско коло од првата носителка во квалификациите Стефани Вегел. Инаку, Лина има играно во квалификации на сите четири гренслема.
Квалификациите во Мелбурн почнуваат на 8 јануари, а главниот турнир стартува на 14 јануари. Македонската тенисерка веднаш по Нова година ќе патува за Австралија.