Кога ваш татко е еден од најголемите голмани што ги родила Македонија, Благој Истатов, природно е дека и Мишел ќе биде „заразен“ со најважната споредна работа на светот, фудбалот.
Периодов Мишел Истато како дел од управата на фудбалскиот клуб Дојранско Езеро, напорно работи на кревање на нивото и квалитетот на тимот кој сакаат да го однесат во Втората лига. За таа цел свој придонес ќе дава и актерот, шоумен, музичар, писател и што уште не, популарниот Игор Џамбазов, кој пред неколку дена беше наименуван за претседател на клубот.

ПРИЈАТЕЛСТВОТО НА ИГОР ЏАМБАЗОВ СО ИСТАТОВИ Е ДОЛГОГОДИШНО
„Пријателството на семејството Истатови со Игор Џамбазов датира од многу одамна. Водејќи се од мотивот во идниот период клубот Дојранско Езеро да го подигне квалитетот на екипата и амбициите да учествува во повисок ранг на натпреварување, како и присуството на Игор во Дојран, ни дојде идеја да му предложиме да биде претседател на клубот. Тој поголемото време го минува во Дојран, живее тука, го сака клубот, ни дава поддршка и секако има позитивни идеи за развој на клубот“, вели Истатов за соработката со Џамбазов.
Неизбежно беше и да се спомне Благој Истатов, некогашниот долгогодишен и одличен чувар на мрежата на Беласица, Победа, Партизан и Утрехт.

„Мојот татко никогаш не нè терал и не ни вршел притисок да се бавиме со спорт или фудбал, но секогаш ни даваше поддршка за сè она што го правевме и го правиме. Природно и нормално е кога во семејството постојано тема на разговор е фудбалот и кога има секојдневни лични контакти со фудбалери и фудбалски работници, неминовно е да го продолжите овој пат и, секако, неизбежни се предизвиците што ги носи не само фудбалот, туку спортот воопшто“, вели Мишел.

НЕ Е ЛЕСНО ДА СЕ НАЈДАТ ДЕВОЈЧИЊА КОИ ЌЕ ТРЕНИРААТ ФУДБАЛ
Мишел Истатов е дел и од Комисијата за женски фудбал во ФФМ.

„Женскиот фудбал во однос на машкиот реално е на многу пониско ниво, но од година во година се подобруваат не само условите, туку и квалитетот на клубовите и репрезентациите. Факт е дека не е лесно да се најдат доволно девојчиња кои би се занимавале со фудбал, мислејќи дека ова е машки спорт, но сепак сметам дека со поголеми активности во училишниот спорт, ќе има уште подобри резултати. Веќе се работи на подобрување на фудбалската инфраструктура во смисла на добри терени, соблекувални и слично. Најважно е што имаме голема поддршка од ФФМ и неговото раководство, а наше е да помогнеме во развојот на женскиот фудбал“, објаснува Истатов, кој состави хуманитарен тикет со осум пара, а ако биде добитен тикетот, веќе одлучи каде ќе донира, но не сакаше да открие, прво да погоди, па со задоволство ќе каже.
„Не сум многу љубител на обложувањето, но понекогаш може да се обложам онака во друштво. Сум имал и добивки, а некогаш и недобитни тикети со една или две утки“, заклучува човекот од кој фудбалскиот Дојран има големи очекувања.


