Ќе „гори“ Истанбул за турско-грчката пресметка, Инлер е гаранција за успех на Басахшехир

Легендата на турскиот фудбал Окан Бурук за првпат ќе предводи тим како тренер во европските купови, а подобро деби и не можеше да сонува, од дуел со грчки тим. Денеска ќе „гори“ Истанбул за првиот меч на Басахшехир и Олимпијакос, во традиционално големото ривалство на турските и грчките клубови.

Басахшехир сака да го препише рецептот од Бешикташ, екипа која го елиминира Олимпијакос во 2017 година во осминафиналето на Европа Лигата.

Единствен фудбалер кој тогаш играше, а и вечерва може да настапи во првиот состав е Гокхан Инлер. Ветеранот играше по десеттина минути на двата меча со Олимпијакос за Бешикташ, а турскиот тим го растури грчкиот гигант со вкупен резултат од 5:2.

„Ова е сепак нов двомеч, но убаво е што се потсетив на тие дуели со Олимпијакос. Ќе се обидеме да го елиминираме ривалот, бидејќи целта се знае, да играме во фазата по групи во Лигата на шампионите“, вели Инлер.

Иако ќе дебитира во европските купови како тренер, голем адут на турскиот тим е легендата Окан Бурук. Со Галатасарај во сезоната 1999/2000 го освои Купот на УЕФА, сега натпреварување именувано како Европа Лига. Потоа беше и МВП на мечот од Суперкупот на УЕФА, во сензационалната победа против Реал Мадрид со 2:1.

„Се радувам што ќе дебитирам како тренер во европските купови. Олимпијакос има квалитетен тим и ќе биде тешко. Очекувам два неизвесни дуели, а се надевам на позитивен исход“, изјави Бурук.

И Олимпијакос си има свои адути, го декласира Плзен во претходната фаза со вкупен резултат од 4:0, а ќе биде интересно да се проследи играта на Матје Валбуена. До лани францускиот интернационалец имаше доста дуели со ривалите од Басахшехир како играч на Фенербахче, а сега го чека двомеч како фудбалер на Олимпијакос.

Првиот дуел се игра на „Фатих Терим“ стадионот, вечерва од 19.45 часот, а втората пресметка е на „Георгиос Караискакис“ во Атина од 20.30 часот на 13. август. Победникот од двомечот ќе игра финале против Порто, или Краснодар за пласман во фазата по групи во Лигата на шампионите.

 

 

- Оглас -

Најнови вести