Двојниот ракометен шампион на Европа, Вардар, денеска треба да ја уплати првата рата од половина милион евра на сметката на ЕХФ ако сака да настапи во Лигата на шампионите.
Поради неподмирени долгови кон дел од ракометарите, но и поради промена на иметот на клубот во Вардар 1961, ЕХФ побара гаранција од вкупно еден милион евра на две рати.
Денеска треба да са плати првиот дел, а втората рата најдоцна до 27 јули. Вардар учествуваше на ждрепката за групите во Лигата на шампионите за новата сезона и е во А групата заедно со Кил, Алборг, Монпелје, Пик Сегед, Мешков Брест, ППД Загреб и Елверум, но за да учествува, ќе мора да уплати висока сума кај ЕХФ.
Европската куќа на ракометот побара слична гаранција и од Металург, но со многу помала сума од 50 илјади евра за Mеталурзите да можат да играат во Лигата на Европа.
Раководството на Металург одлучи клубот да не игра во ова натпреварување, па место нив ќе настапи ракометниот клуб Бутел.