Еквадор ја пропушти првата шанса за сигурен пласман на Мундијалот во Катар поради една од најчудните грешки во квалификациите поради која и прими гол од Перу, па мора да чека и втора шанса за да си обезбеди пат во Катар.
Еквадорците водеа како гости против Перу со 1:0 сè до 69-тата минута, кога примија гол, а на теренот беа со деветмина играчи, плус голман и еден фудбалер кој беше повреден.
Се повреди Пресијадо, кој не можеше да се движи, па Еквадорците непосредно пред да го примат голот, побараа замена.
Топката излезе надвор од теренот и сè беше подготвено Диего Паласиос да влезе во игра, но гостите не можеа да му го најдат дресот.
Ова се случуваше во 68-мата минута, главниот судија чекаше, но потоа даде знак играта да продолжи без замена и во следната акција Перу израмни на 1:1, што беше и конечен резултат на мечот.
„Ќе играме на Светско првенство, а направивме непростлива грешка. Десет минути го баравме дресот на Паласиос за да направиме измена и примивме гол. Ова нека ни биде лекција за во иднина“, изјави Густаво Алфаро, селекторот на Еквадор.
Предвидената замена потоа беше направена, но дури во 73-тата минута, или пет минути подоцна од планираното и со примен гол во меѓувреме.
Со победа во Лима, Еквадор ќе беше сигурен учесник на Мундијалот во Катар, заедно со Бразил и Аргентина, кои веќе обезбедија настап преку квалификациите во Јужна Америка.
И сега, како третопласирани во групата, Еквадроците со 25 бода на две кола до крајот се фаворити за пласман на СП во однос на четвртопласираниот Уругвај со 22 бода, потоа и Перу со 21 бод и Чиле со 19 бода.
Еквадор веќе на следниот меч против отпишаниот Парагвај на гости со реми и победа може да си обезбеди настап во Катар, а во последното коло ќе играат дома против Аргентина.
Во прилог им оди и податокот што Уругвај и Перу, кои им се главни противкандидати за уште две места што водат директно на СП, ќе играат меѓу себе во следното коло.
Првопласираните четири селекции од Јужна Америка ќе играат на Мундијалот во ноември и декември годинава, а шанса ќе има и петтопласираната селекција, но ќе мора да игра бараж.