Македонија има многу проблеми пред двомечот со Грузија на 24 февруари, во првата фаза од квалификациите за Светското првенство во 2023 година, а сега е објавено дека и селекторот Драган Бајиќ нема да патува за Тбилиси.
Бајиќ имал позитивен тест на ковид-19 и ќе остане во Скопје, а имаше многу проблеми и пред да го направи ПЦР тестот.
Српскиот тренер и селектор на Македонија не доби виза за влез во Косово, од каде што македонската експедиција ќе лета за Истанбул, па потоа и за Тбилиси, па беше подготвен порано да отпатува за Грузија, но сега и тоа отпадна како варијанта.
Бајиќ веројатно нема да може да биде на клупата на македонската репрезентација и за вториот меч против Грузијците што ќе се игра во Скопје на 27 февруари.
Експедицијата на македонската кошаркарска репрезентација треба да замине вечерва за Грузија, а селекторот ќе го замени првиот асистент, Александар Јончевски.