Ќе има драма за титулата: Манчестер сити го декласира Челзи на „Стемфорд бриџ“ (Видео)

Манчестер сити го победи Челзи со 0-3 на „Стемфорд бриџ“ и комплетно ги врати шансите за шампионската титула. Сега Граѓаните шест бода помалку од лидерот Арсенал, но следниот викенд ќе го пречекаат на „Етихад“ во големо дерби, а имаат и еден одигран натпревар помалку.

Првото полувреме мина без голови, а Челзи успеваше да го диктира ритамот на играта. Марк Кукуреља дури и постигна погодок, но истиот беше поништен поради офсајд.

Сините први се заканија уште во почетните минути, Кол Палмер промаши шанса во шестата минута, а потоа и Жоао Педро во деветтата минута. Во 19-тата минута се обиде и Педро Нето, но Џанлуиџи Донарума со одлична одбрана го спаси својот гол.

И покрај подобриот впечаток на Челзи во првото полувреме, второто донесе целосен пресврт во корист на Манчестер сити, кој одигра доминантно и буквално го надигра противникот.

Во 51-та минута, Рајан Шерки центрираше, а Нико О’Рајли со удар со глава го совлада Роберт Санчез за 0-1.

Само шест минути подоцна, Сити практично го реши натпреварот. Повторно Шерки асистираше, а Оскар Боб погоди за 0-2 со прецизен завршен удар.

Конечните 0-3 ги постави Џереми Доку во 68. минута, откако ја искористи грешката на противникот и реализираше по пресинг-акција.

Во завршницата, Манчестер сити рутински го контролираше натпреварот, а Пеп Гвардиола внесе неколку замени за освежување, меѓу кои и Матео Ковачиќ, кој се врати по подолга пауза.

Челси не успеа да создаде сериозна шанса за утешен гол, а Сити со оваа победа направи клучен чекор во трката за титулата. Во следното коло, на „Етихад“ гостува Арсенал, во директен дуел кој може да ја реши сезоната.

- Оглас -

Најнови вести