Часови нè делат од почетокот на првиот премиерлигашки натпревар за новата сезона. Ливерпул на „Енфилд“ го пречекува повратникот Норвич, во дуелот кој е закажан за 21 часот. Возбудувањата продолжуваат и утре и задутре, а со нетрпение се чека дербито меѓу Манчестер јунајтед и Челзи, кое ќе се игра во недела во 17:30 часот на „Олд трафорд“.
Во пресрет на премиерниот дуел, фудбалските љубители се надеваат на ефикасен старт, екипите кои се фаворити да ги оправдаат улогите, а најдобрите стрелци да „експлодираат“ на терените. Исто така фановите очекуваат да се прекине необичен деветгодишен пост. Од август 2010 година во Премиер лигата не се случило во првото коло да се постигне хет-трик, а последен фудбалер на кој му успеа беше Дидие Дрогба против ВБА.
Откако шампионатот во Англија се игра во овој формат, само седум фудбалери успеале да запишат хет-трик во премиерниот ден од сезоната. Мик Квин во сезоната 1993/94, Мет Ле Тисие 1995/96, Кевин Кемпбел и Фрабрицио Раванели 1996/97, Дион Даблин 1997/98, Габриел Агбонлахор 2007/08 и Дидие Дрогба 2010/11.
Еден од фудбалерите од кои се очекува хет-трик е Мо Салах, ѕвездата на Црвените која две сезони во низа беше избран за најдобар стрелец, со тоа што минатата сезона ја делеше наградата со колегата Садио Мане и Пјер Емерик Обамејанг од Арсенал. Популарниот Фараон во две сезони постигна 54 гола на 74 првенствени меча, а додаде и 22 асистенции во својата статистика. Тој е меѓу фудбалерите од кои се очекува да го прекине постот и со три гола да ги почасти фановите на „Енфилд“. За жал, неговиот колега Мане, кој се истакна како неприкосновен голгетер, ќе нема шанса бидејќи е отсутен и не е на располагање кај Јирген Клоп.
Серхио Агуеро е меѓу играчите од кои се очекува да го прекине овој пост. Голгетерот на аглискиот првак утре ќе добие прилика за хет-трик во првото коло на гостувањето кај Вест хем. Аргентинецот моментално е напаѓач со најмногу голови во Премиер лигата, брои 164 гола на 239 средби, а досега 11 пати успеал да запише хет-трик за Манчестер сити. Секако, тој е меѓу фаворитите за Златната копачка, исто како и Салах.
Хари Кејн беше најдобар стрелец две години во низа, во сезоните 2015/16 и 2016/17. Неговиот учинок во Премиер лигата е неверојатен, на 178 меча постигна 125 погодоци, а досега запишал осум хет-трика за Петлите. Дали токму Кејн, против Астон Вила ќе го стори она што го направи Дрогба пред девет години, ќе се дознае утре.
Арсенал доби убиствен голгетер кога го доведе Обамејанг во своите редови. Габонецот брои 32 гола на 49 првенствени настапи за Топчиите, доволно за да биде ставен во ист кош со Агуеро, Салах и Кејн, како фаворити за постигнување на три гола во првото коло од новата сезона.
Воедно, овие четири ѕвезди се фаворити за Златната копачка и се очекува битката за престижната награда да биде тесна и неизвесна.