Светската фудбалска федерација (ФИФА) се огласи во врска со можноста натпреварите од Светското првенство во 2026 година да бидат преместени на друга локација.
Претстојниот Мундијал ќе се одржи во три земји, Мексико, Канада и Соединетите Американски Држави. Особено внимание привлекува домаќинството на Мексико, држава во која во моментов се случуваат сериозни улични немири и судири меѓу криминални банди и полицијата.
Во неделата беше објавено дека лидерот на нарко-картелот „Халиско“, Немаесио Осегуера Сервантес, познат како Ел Менчо, бил убиен во безбедносна операција. По неговата смрт, низ земјата избувна хаос, а инциденти поврзани со картелите биле регистрирани во градови како Гвадалахара и Агуаскалиентес.
Со оглед на тоа што дел од натпреварите ќе се играат во Гвадалахара, ФИФА Мексико соопшти дека нивен приоритет е зачувување на јавната безбедност.
Портпаролот на ФИФА за Мексико изјави дека организацијата е во постојан контакт со властите. Во сојузната држава Халиско, каде што се забележани најголемите немири, треба да се одиграат четири натпревари од Светското првенство.
„Во ФИФА внимателно ја следиме ситуацијата во Халиско и остануваме во континуирана комуникација со надлежните органи. Ќе продолжиме да ги следиме активностите и насоките на различните владини агенции насочени кон одржување на јавната безбедност и враќање на нормалноста, и ја повторуваме нашата блиска соработка со федералните, државните и локалните власти“, соопштија од ФИФА.
Воедно, од организацијата нагласија дека евентуалното преместување на натпреварите ќе се разгледува исклучиво како крајна мерка, доколку немирите продолжат.
Дополнително беше посочено дека одлуката за евентуално преселување би се разгледувала само „доколку или откако службениците за безбедност и заштита, како и комерцијалните партнери, изразат сериозна загриженост“.

