На трети ноември имаше многу голови, фестивалот беше зачинет дури со 35 погодоци на 8 меча, или во просек 4,4 гола по натпревар, а денеска истите 8 дуели повторно се на ред како последни во четвртото коло во фазата по групи во Лигата на шампионите.
И повторно најавата е дека може да има реприза на еден од најефикасните денови во историјата на Лигата на шампионите, со истите парови, но сега со обратен редослед.
Домаќините ќе бидат екипите што гостуваа на 3 ноември и повторно се очекуваат многу голови.
Борусија Менхенгладбах од 18.55 часот ќе му биде домаќин на Шахтар во обид повторно да победи, како што тоа го стори во Киев, кога домаќините доживеаја катастрофа од 0:6.
Манчестер сити лесно го победи Олимпијакос со 3:0, па замина на гостување со иста цел, со нов триумф да обезбеди пласман во нокаут-фазата. И тој меч ќе се игра од 18.55 часот во Атина.
Ајакс игра со аутсајдерот Митјиланд во ноќниот термин од 21 часот, а ќе атакува на нов триумф по успехот во Данска, кога славеше со 2:1.
Атлетико Мадрид и Локомотив беа поскромни со голови во Москва, во меч што заврши 1:1, и тоа е дуелот со најмалку погодоци што се одигра на 3 ноември.
Баерн во Минхен ќе атакува на 15-та победа по ред во Лигата на шампионите, а финишот во Салцбург со четири гола во последните 15-тина минути им донесе убедлива победа од 6:2.
Интер и Реал Мадрид ќе одиграат нов европски класик и се очекува нов ефикасен меч. Во Мадрид имаше многу возбудувања, Интер стигна негатива од 0:2, но сепак загуби со 3:2 од најтрофејниот европски клуб.
Ливерпул повторно е во топ-форма, а во Бергамо пред три седмици настрада Аталанта со петарда во мрежата. Двете екипи играат отворен фудбал, па повторно и на „Енфилд роуд“ вечерва од 21 часот се очекува голеада.
Поранешниот европски првак Марсеј сè уште е без постигнат гол, па ќе има шанса да го пробие мразот од 21 часот на „Велодром“, во обидот да му се реваншира на Порто за поразот од 0:3 во третото коло од Лигата на шампионите.