Клучното фудбалско тело за донесување и признавање на правила (ИФАБ), денеска во Глазгов ќе има состанок на кој ќе се разговара за можни промени во фудбалските правила. Сите евентуални нови правила, пред да бидат донесени, се тестираат во неои од пониските натпреварувања, а потоа се одлучува дали ќе добијат „зелено светло“.
Како еден од поинтересните предлози е воведување на син картон во фудбалот. И тој картон, исто како жолтиот и црвениот, би имал улога да санкционира некој играч. Предлогот е синиот картон да биде доделен на фудбалер кој треба да го напушти теренот, но потоа тој да се врати за 10 минути.
Против овој предлог цврсто застана претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.
„Во фудбалот на највисоко ниво нема да се користи син картон. Таа тема за нас не постои. ФИФА во целост се противи за воведување на син картон. Не ни бев свесен дека тоа може да биде тема за разговор, а ФИФА има право да го каже своето мислење. Да ви дадам еден наслов: Црвен картон за синиот картон. Мора да бидеме сериозни. Секогаш сме за нови идеи и предлози, но важно е да се задржи и традиционалната игра. Нема да има син картон во фудбалот“, рече Инфантино по доаѓањето во Глазгов за денешниот состанок.
Освен ова контроверзно правило за воведување на син картон, на состанокот ќе се зборува и за други иницијативи. Се очекува да се дискутира за тоа капитените да имаат право да разговараат со судиите, а сите останати играчи ако тоа го направат, може да добијат жолт картон.
Тема ќе биде и можноста за вметнување на камера на дресот на главниот судија, како арбитрите би имале поголема заштита.