УЕФА воведува трето меѓународно клупско натпреварување, кое засега ќе се вика Лига на Европа 2. Натпреварувањето ќе започне од 2021 година, а ќе учествуваат 32 екипи. Форматот на натпреварувањето ќе се користи од Лигата на Европа, додека средбите ќе се играат паралелно во четврток. Ова натпреварување ќе им овозможи на помалите клубови од Европа да учествуваат во меѓународно натпреварување, а тоа значи и поголема шанса за македонските клубови.
Значи, ќе има осум групи по четири екипи. Победниците од групите ќе патуваат во нокаут-фазата, додека вторите екипи ќе играат плејоф со третопласираните екипи од групите во ЛЕ. По овој плејоф, ќе се игра осминафинале. Освојувачот на трофејот од ова натпреварување директно ќе се квалификува во Лигата на Европа следната сезона.
„Новиот контитентален шампионат ќе овозможи учество на поголем број екипи во натпреварувањата на УЕФА. Ќе има повеќе клубови, повеќе натпревари, поголем број фудбалски федерации ќе бидат застапени во Европа. Ова натпреварување настана по дијалог на здружението на европски клубови“, истакна претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
Тоа значи дека наместо досегашните 26, ќе има 34 претставници на земји во европските купови. Од УЕФА истакнаа дека ова натпреварување нема да влијае на Лигата на шампионите и принципот на кој работи најелитниот европски клупски собир.
Новина е само распоредот на финалните средби. Сите три ќе се играат во текот на една недела. Во среда ќе се игра финалето на Лига на Европа 2, во четврток Лига на Европа, додека финалето на Лигата на шампионите ќе се игра во сабота.
Во текот на наредната недела ќе биде донесена одлука околу официјалното име на натпреварувањето, како и брендирањето, системот на коефициенти и комерцијалната стратегија.