Вардар е домаќин на Шкендија во дуел од 19 коло на Прва фудбалска лига на Македонија. Денеска се играат сите шест меча во првото коло во 2025 година, а фокусот секако ќе биде на арената „Тодор Проески“. Вардар е претпоследен со само 13 бодови, додека Шкендија со 37 бодови е дел од водечкото трио заедно со Силекс и Работнички.
Најверните вардарови навивачи, популарните „Комити“ најавија дека треба во што е можно поголем број да се соберат и да дадат поддршка за нивниот омилен тим. Од Шкендија имало барање и за присуство на навивачи на гостинскиот тим, но вардаровата управа ова барање го одбила порачувајќи им „Вашите навивачи не се добредојдени“.
Сепак, на дербито на „Тодор Проески“ ќе има навивачи од Тетово, но тоа нема да бидат симпатизерите на Шкендија, туку фановите на Тетекс. Популарните „Војводи“ се збратимени со „Комити“ и тие најавија дека ќе пристигнат во Скопје да дадат поддршка на Вардар.