Украинскиот боксер Александар Усик и Британецот Даниел Дубоа постигнаа договор за борба за обединување на светските титули во тешка категорија. Мечот ќе се одржи на 19 јули на стадионот „Вембли“ во Лондон, пренесува „Би-би-си“.
Дубоа е актуелен светски шампион во ИБФ категоријата, додека Усик ги поседува титулите на ВБО, ВБА и ВБЦ федерациите.
Усик на 19 мај 2024 година во Ријад го победи Тајсон Фјури, со што ги обедини сите најголеми светски титули во тешка категорија. Меѓутоа, во јуни 2024 година тој ја напушти ИБФ титулата, а Дубоа беше прогласен за нов шампион. Подоцна Дубоа ја одбрани својата титула победувајќи го Ентони Џошуа во септември.
Во декември 2024 година Усик повторно го совлада Фјури во реваншот и ги задржа ВБА и ВБО титулите.
„Му благодарам на Бог за оваа можност повторно да се борам за апсолутната титула. Му благодарам на Даниел што го чуваше мојот ИБФ појас – сега сакам да си го вратам“, изјави Александар Усик.
Даниел Дубоа порача дека сега е посилен и поопасен.
„Требаше да победам во нашата прва борба, но судиската одлука ми ја одзеде победата. Овојпат, пред мојот народ, на националниот стадион нема да дозволам да направам грешки. Сега сум многу посилен и поопасен“, истакна Дубоа.
Оваа борба на „Вембли“ се очекува да биде еден од најголемите спортски настани ова лето.