Ливерпул втора сезона по ред е меѓу најдобрите четири екипи во Лигата на шампионите откако вечерва го визираше местото во полуфиналето. Англискиот гигант немаше никакви проблеми против Порто и оди понатаму со вкупни 6-1. По победата на „Енфилд роуд“, Ливерпул вечерва се радуваше и на „Драгао“ со 4-1.
Интересно е што овој меч потсети на ланскиот дуел меѓу Порто и Ливерпул, кога гостите победија со 5-0, а во листата на стрелците се запишаа Мане (три гола) и по еден гол на Фирмино и Салах. Овојпат Ливерпул не победи толку убедливо, но повторно сите од напаѓачкото трио постигнаа погодоци. Мане ја отвори серијата голови и тоа беше резултатот од првиот дел. Во второто полувреме Салах зголеми на 2-0, а Порто веднаш потоа даде и почесен погодок.
Да не биде без негов гол, се погрижи и Фирмино во 77-мата минута, а точка на мечот стави Ван Дајк.
Со оваа победа, Ливерпул си обезбеди двомеч со шпанскиот првак Барселона. Еден од овие два европски гиганти ќе игра во финалето на ЛШ на 1 јуни во Мадрид.