Косово е во подем, игра одличен фудбал, а вечерва против Азербејџан, кого го растури со 4-0, играше со 11 интернационалци во првиот состав.
Македонија мора да внимава иако е фаворит во полуфиналниот меч во март 2020 година, веројатно во Скопје.
На гости ќе ни дојде вистинска Легија на странци, а Косово има играчи кои настапуваат во познати клубови.
Меѓу нив најпознато име е Валон Бериша, кој имаше можност да игра за Австрија, но го одбра Косово. Беше член на Салцбург и играше одлично за австрискиот првак во ланското издание на Лигата на Европа, кога тимот играше полуфинале и за влакно не успеа да се пласира и во финалето.
По добрите игри во Салцбург, Лацио успеа да ја добие трката за ангажман на Бериша, кој сега е член на калчолигашот од Рим.
Тука се и Аријанет Муриќ, кој е голман на Манчестер сити, потоа и тројниот стрелец против Азербејџан, Зејнели од Херенвен, тандемот од Цирих, Круезиу и Колољи, Рашица од Вердер Бремен и уште неколку искусни и добри фудбалери од познати клубови.
И за сè да биде во знакот на „странците“, селектор на Косово е Швајцарецот Бернард Шаландес.