Ќе подзаборавиме како е да се игра на кошаркарско ЕП

Испливувањето од европското кошаркарско дно донесе многу надеж дека Македонија може повторно да игра на ЕП, новиот селектор и подмладениот тим донесоа свежина, но како што тргнаа квалификациите, нема премногу простор за оптимизам.

Нашите најдобри кошаркари се посрамотија во првото полувреме и загубија од Естонија, а потоа следуваше пораз од тимот Б на Русија. Ги изненадивме и букмејкерите кои веруваа дека ќе славиме против Естонците, додека хендикепот за победа на Русија го поставија повисоко од конечната разлика.

Некогаш Естонија ја победувавме со 45 поени разлика, ама во последно време никако да ги совладаме. Некогаш со најсилниот состав на Русија предводен од Кириленко водевме битка за медал на ЕП, а сега утеха ни е дека сме дале отпор против вториот тим на Зборнаја во кој нема НБА, па ни евролигашка ѕвезда.

На кошаркарско ЕП не сме играле од 2015 година. Ако не се пласираме на 2021, следна шанса ќе биде 2025. Не е дека и во минатото не сме чекале деценија за да играме на ЕП, но од 50 и неколку земји во Европа да не се биде во топ 24, е поразително за македонската кошарка.

Некогаш игравме на ЕП и кога на континенталниот собир имаше 16 учесници, сега се мачиме да стигнеме таму и кога има 24 учесници. Од четири тима во групата, три одат на Евробаскет, но како што тргнало, ние ќе бидеме баксузот. Среќа што „незаинтересираната“ Италија ги совлада и Русија и Естонија, па уште имаме шанса да одиме на ЕП ако со двоцифрена разлика ги победиме Естонците во Талин и Русите дома.

Ноември ќе биде месецот на вистината. Ќе треба да им гостуваме на Италија и Естонија. Од сегашна гледна точка, тоа се два кецови. Но, сме знаеле да бидеме најопасни кога сме потценети.

Дотогаш „селекторите“ ќе го советуваат селекторот кои играчи треба да играат и дали треба да играат тие што се без клуб, дали натурализираниот е вистинскиот, ќе анализираме и ќе се прашуваме зошто кошарката ни е во длабока криза и зошто нема публика, а и кога има, атмосферата е како во театар и гостите не се плашат од гостување во „Борис Трајковски“, каде што порано не знаевме за пораз.

КОРОНАВИРУСОТ ДОЈДЕ И ВО ИТАЛИЈА, РЕАЛ СО ФЕВРУАРСКИ ВИРУС, ИСТАНБУЛ ВО ЦРВЕНО.

Четири натпревари од Серија А кои беа сериозни кандидати да се најдат на тикетите кај обложувачите, беа одложени поради Коронавирусот. Овој опасен вирус веќе не е ексклузива само за Кинезите, нападна и во северниот дел на Италија. Тоа и не е толку далеку од тука.

Наместо да се насладуваме на тројната трка за титулата во Италија, наместо бодови, се бројат заболени и жртви од Коронавирусот, па некако се губи меракот.

Вирус, но не Корона, туку губитнички го зафати Реал Мадрид. Кралевите испаднаа од Купот, а потоа за една недела во две кола освоија само еден бод и го предадоа првото место. Греота е и за тие што уплаќаа големи суми на победи на Реал против Селта и Леванте, но и обложувалниците треба да живеат од нешто. Среќа за Реал што месецов завршува наскоро и што Ел Класико со Барселона е во првиот ден од следниот месец.

Најинтересен меч викендов беше турското дерби Фенер – Галата. Не поради квалитетот на фудбалот, туку атмосферата и напнатоста се единствени. Традиционално се играа 100 минути и беа покажани десетина жолти и неколку црвени картони, а кон гостите летаа секакви предмети без судијата да помисли на прекин. Само на Балканот останаа вакви дербија каде што се игра на живот и смрт.

Инаку и Македонија стана фудбалски хит на Балканот и пошироко поради потегот на Стефан Костов од Академија Пандев, кој доби црвен картон откако си трчаше по терен со топка в раце и со нејзино фрлање, спречи акција на Македонија Ѓорче Петров, која играше со друга топка. За ова навистина не е потребен коментар.

- Оглас -

Најнови вести