Италија на фантастичен начин стигна до европската титула. Со пет победи и два триумфи по подобро изведување на пенали, Аѕурите го повторија успехот од далечната 1968 година, кога првпат беа на континенталниот трон.
Освен што ја освоија европската круна, Италија продолжи и една неверојатна низа. Тимот предводен од селекторот Роберто Манчини нема пораз на 34 средби по ред. Тоа е само еден натпревар помалку од светскиот рекорд кој е во сопственост на Бразил и на Шпанија. Овие две селекции успеале да имаат 35 средби без пораз, а сега Аѕурите се на чекор од ова постигнување.
Следниот меч Италија ќе го игра на 2 септември против Бугарија, во квалификациите за Светското првенство во Катар, а три дена подоцна играат и против Швајцарија. Доколку Италија не загуби на овие два меча, тогаш ќе стигне до бројката од 36 дуели без пораз и ќе го надмине светскиот рекорд, кој е во сопственост на Бразил и Шпанија.
На оваа листа на селекции со најмногу средби без пораз има место и за Аргентина со 31 меч, додека Франција немала загубено 30 натпревари по ред. Сега е ред Италија да ја продолжи доминацијата и да постави нов планетарен рекорд.