Атанасов: МЗТ Скопје е тим кој не се задоволува со играње во финале, туку тим што победува и освојува трофеи

Шампионскот трофеј во кошаркарското првенство на Македонија ќе остане во Скопје, но прашање е дали ќе остане во витрините на МЗТ Скопје Аеродром или за првпат ќе заврши кај ТФТ Скопје. Финалната серија започнува вечерва од 19:30 часот, а предноста на домашен терен ја има МЗТ.

Тренерот на аеродромци, Васко Атанасов, е оптимист дека ќе продолжи доминацијата на МЗТ.

„Пласманот во финалето носи задоволство како потврда на успешната работа до тој момент во сезоната. Но, МЗТ не е клуб што се задоволува само со играње во битката за трофејот, туку со негово освојување, што дефинитивно е наша цел во серијата со ТФТ. Во битката влегуваме максимално сериозно, решени да ја финишираме работа онака како што посакуваат сите наши навивачи – со големо славење на крајот. Одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, свесни дека противникот не само што не е наивен туку е исклучително квалитетен и заслужува респект. Се подготвуваме за секоја можна ситуација и верувам дека ако одиграме како што знаеме, односно како што игравме досега во плејофот, тогаш ќе може да го отвориме финалето со триумф. За тоа, секако, ќе ни треба и голема поддршка од трибините, заради што ги повикувам сите наши фанови да дојдат вечерва во салата и да ни помогнат да дојдеме до победа“, вели Атанасов.

Традицијата вели дека МЗТ има 12 победи во последните 13 среди во ТФТ, но факт е дека ТФТ сезонава еднаш успеа да слави над шампионот, и тоа сигурно дава самодоверба кај гостите дека може да изненадат.

Финалето се игра во три добиени меча.

- Оглас -

Најнови вести