Евертон и Арсенал вечерва ќе играат во последниот меч од 15-тото коло во Премиер лигата, а домашните навивачи најавуваат дека ќе имаат свое „шоу“.
На стадионот „Гудисон парк“ е најавено дека во 27-мата минута голем дел од домашните навивачи ќе ги напуштат трибините во знак на протест. На тој начин, фановите на Евертон сакаат да испратат порака до газдата на клубот Фархад Мошир дека го води клубот во погрешен правец.
Новиот газда го презеде клубот во 2018 година и покрај тоа што потроши голема сума на пари, Евертон игра слабо. Карамелите моментно се на 16-тото место на табелата само со 15 освоени бодови.
Причина за напуштањето на трибините во 27-мата минута е фактот дека цели 27 години ќе поминат од последниот трофеј што го има освоено Евертон. Тоа се случи во 1995 година, кога навивачите на овој клуб од Ливерпул се радуваа на пехарот во ФА купот.