Ќе се снима филм за Дарко Панчев

Македонската фудбалска легенда Дарко Панчев ќе биде протагонист на игран филм што ќе го раскаже неговиот животен пат и спортски успеси. По автобиографијата која веќе ја објави, Панчев сега ќе добие и филмска адаптација што ќе ги опфати најважните моменти од неговата кариера, особено периодот во Црвена Звезда, каде што ја освои европската и светската титула.

Како што објави МИА, филмот ќе биде во продукција на „Петровски Брадрс“, а режисер ќе биде Зоран Петровски, Македонец кој живее и работи во Бугарија и зад себе има две децении искуство во високобуџетни реклами и филмски проекти.

Сценариото ќе го потпише Ѓорѓе Милиќевиќ, српски сценарист со меѓународна кариера во Њујорк и Лос Анџелес, познат како дел од тимот кој го создаде сценариото за култниот филм „Бегство кон победа“, во кој глумеше и Силвестер Сталоне.

Филмот, според најавите, ќе понуди целосен приказ на професионалниот и приватниот живот на Панчев, неговите борби, падови и триумфи. Проектот има за цел да привлече широка публика, а не само фудбалски ентузијасти.

Панчев даде целосна поддршка на проектот.

„Идејата ми се допадна и ја прифатив со големо задоволство. Ќе помогнам колку што можам, бидејќи секоја спортска приказна е интересна ако е добро раскажана. Убеден сум дека оваа екипа ќе направи квалитетен филм“, изјави Панчев.

- Оглас -

Најнови вести