Битор Алкиза немаше многу време за подготовка пред промоцијата во Атлетик Билбао, па на свечениот момент, фотографирање во новиот дрес, пристигна со влечки.
Моментно е асистент-тренер во Осасуна, а остави впечатлива трага во шпанскиот фудбал играјќи за двата најголеми клубови од Баскија, Реал Сосиедад и Атлетик Билбао. Токму при преминот од Сан Себастијан во Билбао пред 26 години е направена легендарната фотографија со необичниот аутфит и влечки, наместо копачки на Алкиза.
Шпанците и во тешки моменти, кога во земјата рапидно расте бројот на заболени и починати од Коронавирусот, потсети на легендарните фотографии од некои минати времиња, кога фудбалот беше поскромен во сите сегменти.
На Рајо Валјекано му се случи тотално да ја утне стандардната црвена линија на дресовите на четворица фудбалери при комплетирањето на клупскиот албум во сезоната 1977/78. Сега на Столе Димитриевски му е многу полесно да брани за мадридскиот клуб, но пред 43 години не беше сè толку едноставно.
Анеро, Франсиско, Макуа и Потеле имаат комплетно различни дресови при претставувањето во Рајо, односно црвена линија во сосема различни димензии и поставени во различен правец, но тогаш фотошопот не беше опција, па фотографијата е легендарна.
Кога при промоцијата во нов клуб немате дрес од него, може и со фломастер да се додадат риги, а таков е случајот со Антонио Гонзалес во сезоната 1973/74.
На две исти фотографии во црно-белите бои на Кастелјон, Гонзалес се наоѓа на два различни стадиони. На „Сантијаго Бернабеу“, од каде што пристигна во Кастелјон е во бел дрес, но за да не се губи време, додадени се црните линии, што се симбол на Кастелјон, па двете слики се идентични, но заборавено е барем да се „замагли“ култниот храм на фудбалот „Сантијаго Бернабеу“.
Следната фантомска фотографија е со Себастијан Лосада, играч што го фати последниот воз во преодниот рок во сезоната 1993/94, па немаше време да се фотографира во новиот дрес на Селта. Челниците на клубот од Виго се снајдоа некако, па со фотошоп белата боја на Севилја, ја претворија во небесно-сината на Селта, но заборавија еден мошне важен детаљ.
Противниците на Лосада и помошникот-судија се исти, како и сè останато во неговата позадина, па јасно е дека се работи за неуспешен фотошоп на форографија што се најде во клупскиот албум на Селта пред 27 години.