Францускиот тениер Беноа Пер загуби уште во првото коло на Мастерс турнирот во Монте Карло, а потоа даде изјава која ги зовре страстите во овој спорт. Пер делуваше како воопшто да не му е гајле што загуби од Џордан Томпсон во мечот кој траеше три часа и заврши со 6:4, 6:7, 7:6 за Томпсон.
„Баш ми е гајле за овој меч. Ќе го одработам уште дуелот во дубл и ќе си одам дома. Два часа возење ми е тоа. Доаѓањето на вакви терени ме фрла во депресија. Да се дојде во Монте Карло и да се биде дел од еден од најдобрите турнири во светот, а на трибините да нема ниту еден гледач, тоа е тажно. Но, заработив 12.000 евра. Некој ќе рече дека зборувам за пари, но си заработив 12.000 евра да бидам во хотел и потоа да си одам дома. Совршено“, рече Пер.
Французинот и претходно зборуваше за пари кога објаснуваше дека некои играчи добиваат 30.000 евра за освојување на АТП-турнири, а тој заработува 10.000 евра со пораз во прво коло од Мастерс турнир или гренслем-турнир. Пер моментно е на 35-тото место на АТП-листата.