Хари Кејн пред две години за сума од 95 милиони евра се пресели од Тотенхем во Баерн Минхен, а во Германија само ја продолжи фантастичната гол-форма што ја имаше и во Премиер лигата.
Англискиот репрезентативец на 106 меча за Баварците постигна неверојатни 103 гола, но вели дека сега е поблиску до продолжување на соработката, која во моментов е со важност до 2027 година отколку до враќање на Островот, каде што е втор стрелец во историјата со 213 гола или 47 помалку од Алан Ширер.
„Што се однесува до Премиер лигата, не знам. Да ме прашавте кога првпат дојдов во Баерн, би рекол дека сигурно ќе се вратам. Меѓутоа, сега работите малку се променија, но нема да речам дека никогаш нема да се вратам. Она што го научив е дека во животот и во кариерата се случуваат работи и моменти кои не може да ги предвидите и затоа сè ќе си дојде на своето место“, вели Кејн.
Според германските медиуми, Баерн Минхен подготвува нов договор за Кејн за дополнителни две сезони, односно до 2029 година.